|
Информациско-комуникациски технологии за поефикасна работа на локалната самоуправа
Граѓаните се заинтересирани административните обврски да ги завршат по електронски пат, но прашање е колку е тоа можно во услови кога службениците во општините не се обучени за комуникација со граѓани по електронски пат. Секако, тоа не е единствен проблем затоа што во Македонија само 160.000 жители имаат некаков пристап до Интернет, но Интернетот не е единствен електронски пристап до локалните власти. Меѓутоа, повеќе од милион корисници на мобилни телефони и уште повеќе корисници на фиксната телефонија не се информирани дека и телефонијата е еден од начините за добивање услуги од локалните власти.
Како со помош на информациско-комуникациски технологии да се подобри работата на локалната власт беше централна тема на панелот Информациско-комуникациски технологии за поефикасна работа на локалната самоуправа во организација на Метаморфозис.
Според истражувањето што го направи УСАИД, во кое беа вклучени 1.000 граѓани од цела Македонија, граѓаните се свесни дека доколку профункционира е-влада на локално ниво дека ќе заштедат и време и пари, но од друга страна истражувањата покажуваат дека македонските општини немаат речиси никаков капацитет за да започнат она што се нарекува е-влада или е-управување на локално ниво.
Анкететите покажале дека граѓаните се најзаинтересирани да вадат лични документи по дигитален пат, како и да плаќаат такси и даноци.
-Граѓаните не ги интересира во чија надлежност се одредени работи, нив ги интересира како тие можат најбрзо да дојдат до тоа што сакаат или како најбрзо да ги завршат своите обврски кон државата. Точно е дека за она за што граѓаните се најмногу заинтересирани не е во надлежност на општините, но да се надеваме дека паралелно со децентрализација ќе тече како формирање на е-влада на локално ниво, така и на државно. Идеално решение би било да се создаде еден граѓански портал на кој што би бил лесен пристап до се она што значи завршување на обврски кон државата или вадење документи, затоа што во спротивно од лутање по шалтери, граѓаните ќе лутаат по разни веб-сајтови, изјави Зоран Глигоров од УСАИД.
Но, прашањето за е-влада на локално ниво отвора и едно друго прашање , а тоа е слобоа односно (не) слобода на користење на слободниот софтвер.
-Во светот на слободниот софтвер имате можност да бирате и да бидете слободен граѓанин, но доколу немате можност да користите слободен софтвер вие сте ограничени во изборот, не сте слободни. А, должност на секоја влада е да ја обезбеди слободата на своите граѓани, рече на панелот Новица Наков од невладината организација Слободен софтвер – Македонија.
-Секако, за проект е-влада на локално ниво да успее потребно е службениците кои се обучуваат да останат на работни места во општината затоа што само така обуката има смисла, потенцираше Филип Стојановски, програмски директор во Метармофозис.
|