Дали навистина сакаме да ги спроведеме реформите? Печати

Политички менаџмент и инструменти за применета политика во земјите во развој и транзиција - случај Македонија

Слабо квалификуван кадар и недостаток на волја – замки поради кои не можеме да одиме напред 

Што е она што е суштествено за една земја во транзиција и како да се создадат кадри кои ќе бидат креатори на сите процеси и како тоа да се ефектуира? Основно прашање на панелот Политички менаџмент за применета политика во земјите во развој и транзиција – случај Македонија, во организација на Правниот факултет Јустинијан Прима. Факт е дека за земјите во транзиција, како што е Македонија, приоритет се реформите, но прашање е колку ние ги посакуваме и колку сме подготвени да ги спроведеме?



-Реформите треба да ги канализираме под еден чадор, со јасни цели, а нашата основна цел е влез во Европска Унија. Ако целта е поставена, тогаш треба да има и единствена структура на реформите, без понатамошни талкања. , рече Малинка Јорданова, од Секторот за евроинтеграции додавајќи дека е факт дека Македонија имаше различна транзиција од останатите земји на централна и источна Европа.

-Повеќето земји имаа единствени промени во една насока. Напротив, ние често барајќи идеални решенија ги менувавме законите по неколку пати. Она што треба да се дефинира е односот на државата кон општеството, државата како регулатор, и на крај како стопански фактор, додаде Јорданова.

За Ивица Боцевски, пак, главниот проблем при спроведувањето на реформите е непостоење на квалификуван кадар.

-Не може да одиме напред со луѓе кои ги прегазило времето, а од друга страна погубно е кога на конкурси за работа се јавуваат млади луѓе, високообразовани, но крајно неквалификувани. Не знаат англиски јазик, не знаат да работат со компјутери, не биле никаде на пракса. Тие се тотално неупотребливи, тоа е погубно за развој на една држава.

-Од друга страна, нагласи Боцевски, има реформи кои мора да се спроведат, но треба да се согледа јасно што е нивната крајна цел. Една работа е симптоматична кај нас, а тоа е дека ние влетуваме во реформи, но не знаеме како ќе ги финансираме. Доколку не постојат пари, а без пари реформите не се можни, тогаш проблемите се мултиплицираат. Но, има и отворени прашања за многу реформи. Да речеме новиот Закон за пензионирање. За некои професии да, за други погубен. Земете ги текстилните работнички кои почнуваат да работат со седумнаесет години. Тие веќе на 55 години се зрели за пензија, и нема потреба да чекаат до 62 години. Тоа не го дозволуваат ниту капиталистичките односи  на пазарот на трудот. Додека, пак, еден универзитетски професор може да работи многу подолго од она што е пропишано. Кога се спроведуваат реформите мора да се земат сите аспекти в предвид, објасни Боцевски. 

-Реформите  во општеството се заради подобар и поквалитетен живот. Но, очигледно ние немаме волја да ги спроведеме. Ние не умееме да ја креираме политиката. Кај нас креирање политика значи креирање на убава литература во форма на закон. Не е само до законот. Кај нас нема визија како да се спроведе правото. Законот кај нас е првиот и последниот домен во креирањето на политиката,  што од друга страна остава голем простор за манипулација. Не верувам дека владејачките структури се толку неуки, повеќе верувам дека  се одлични манипулатори. Од друга страна ако не се спроведуваат реформите кој е одговорен за нивно неспроведување и дали соодветно се казнети оние кои не ги извеле реформите до крај?, праша Панде Лазаревски, професор по применета политика. 

Мартин Брусис од германскиот институт Бетерсман рече дека во извештајот на овој институт стои дека Македонија е слаба со реформите во јавната администрација, но и дека Охридскиот договор не е целосно имплементиран. Ова и уште некои негативни поени доведоа до тоа Македонија во општиот индекс да спадне од 39 на 42 место во рамките на европските држави.