Задачите мора да се исполнат до крај, без оглед на одговорот Печати

Очекувајќи го одговорот од Советот на Европската Унија - 5 дена пред

Шеќеринска е оптимист, но потенцираше дека каков и да биде одговорот на 15 декември, ние мора да продолжиме со имплементација на европските стандарди во нашето општество, а повеќе од јасно е дека импровизации повеќе не се толерираат

Ерван Фуере, специјален претставник на Европската Унија и шеф на делегацијата на Европската комисија во Македонија  истакна дека тој има јасна порака за нас, а тоа е дека ние мора да го сфатиме значењето на реформите.



“Како од неструктивен дијалог да направиме конструктивен, како да најдеме заедничко решение. Ние се уште сакаме моето решение да стане заедничко решение, тоа мора да го надминеме. “, објасни Клековски.

Што по 15 декември - беше централното прашање на панелот “Очекувајќи го одговорот на Европската Унија - 5 дена пред” кој го организираше делегација на Европската комисија и Македонскиот центар за меѓународна соработка. Панелистите се сложија во едно: Оптимисти се во поглед на одговорот од Советот на Европската Унија, но каков и да биде,  чекорење на  патот кон евроинтеграциите мора да продолжи.

“Пред година дена се сомневавме дали може нашата администрација да одговори на европрашалникот и дали е доволно квалификувана, сега можеме да кажеме дека некои сомнежи биле оправдани, а некои не. “, рече на панелот Радмила Шеќеринска, вицепремиерка одговорна за евроинтеграциите.  Шеќеринска потенцираше дека е оптимист, но каков и да биде одговорот на 15 декември, ние мора да продолжиме со имплементација на европските стандарди во нашето општество, а повеќе од јасно е дека импровизации повеќе не се толерираат.

“Евроинтеграција не е ексклузивно право само на оваа влада, туку на сите идни влади. Европска Унија не е повеќе само флоскула со која се собираат политички поени. Тоа е веќе излитена фраза. Секој пратеник кој предлага закон во парламентот ќе каже дека е усогласен со европска регулатива, знаејќи дека се што носи предзнак европско одлично поминува. Нормално во услови кога во земјава зачленувањето во Европската Унија го поддржуваат 92 отсто од граѓаните, а повеќе од половина жители на Македонија сметаат дека тоа е најважното од сите прашања. “, рече Шеќеринска. “Мислењето на Европска комисија ќе ги ограничи импровизациите. Мора да се донесат уставни измени во согласност со одредбите на венецијанската комисија. Независно судство, кое е независно од наметнатите решенија од парламентот како и независно изборно законодавство, заедно со зајакнување на капацитетот на администрацијата се приоритетни задачи на Македонија без оглед на одговорот на 15 декември, иако ние очекуваме да се цени прогресот на Македонија, прогресот и ќе се задржи, но сивите зони кои не мачат мора веднаш да се елиминираат.Македонија може да биде многу поамбициозна од она што е”, додаде Шеќеринска.

Ерван Фуере, специјален претставник на Европската Унија и шеф на делегацијата на Европската комисија во Македонија  истакна дека тој има јасна порака за нас, а тоа е дека ние мора да го сфатиме значењето на реформите, како и да се соочиме со тоа дека реформите мора да се имплементираат што е можно побргу.

“Аспирацијата за членоство во ЕУ е многу племенита. За тоа треба многу храброст,а Македонија покажа дека ја поседува. Но, не заборавајте дека членувањето во Европска Унија има и една човечка димензија. Луѓето живеат заедно во ЕУ, таа унија не е само поради бизнисот или политиката. Многу пати се заборава една важна димензија, а тоа е културната димензија. Не смее да се занемари оваа димензија, ниту да се потцени улогата на цивилниот сектор во самиот процес на евроинтеграциите, но и понатаму. Граѓанското општество и  граѓански иницијативи се многу значајни во Европската Унија, затоа соработката на владиниот и невладиниот сектор е една од круцијалните работи “, потенцираше Фуере.

Слободан Чашуле, пратеник од редовите на ВМРО-народна пак, рече дека тој смета дека 15 декември нема да биде изненадување и дека тој гледа подалеку.”Јас сум оптимист и сметам дека одлуката ќе биде позитивна. Да се исполнат копенхашките критериуми тоа значи да ги подобриме условите за живот тука во Македонија, ние тоа не го правиме за другите туку за нас самите. “

За Сашо Клековски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка клучно прашање е дали ние како општество имаме капацитет. “Често умееме да кажеме имаме лошо судство, лоша полиција и слично. Па, тие не се некои ентитети издвоени од нас, тоа сме ние сите заедно. Мора да се сфати значењето на граѓанската иницијатива, не мислам само на големи невладини организации, мислам на група луѓе кои седнале, се договориле и изнашле заедничко решение. На приме, на овој НВО саем најактивна е групата од Порече, луѓе кои бараат решение како да го изградат патот Порече-Скопје. Тоа е вистинска граѓанска иницијатива. Ние мораме да научиме да разговараме. Како од неструктивен дијалог да направиме конструктивен, како да најдеме заедничко решение. Ние се уште сакаме моето решение да стане заедничко решение, тоа мора да го надминеме. “, објасни Клековски.

Што се однесува до соработката меѓу владата и цивилниот сектор, на кој инсистираат и претставниците на Европската Унија, Шеќеринска рече: “Имаше моменти кога невладиниот сектор беше појак во некои сегменти за кои реално требаше да има погоелеми капацитети во владата. Тоа не чини ниту за владините институции, ниту за граѓанските организации. Она што е сигурно е дека соработката мора да продолжи, а владата мора да стане потранспарентна во прикажувањето на финансиите кои се даваат за проекти на невладините организации, додаде Шеќеринска.