Главна тема - децентрализација, фокус земја - Албанија Печати

Отворен петтиот Форум на граѓанско општество

Ерван Фуере: “Голем број на невладини организации и граѓански асоцијации во Македонија се најдобар доказ за демократичноста на македонското општество.Развиен цивилен сектор е индикатор за здраво општество”

“Центарот е таму каде што си ти”. Ова е  мото на  јубилејниот, петтиот форум на граѓанско општество,НВО Саем, кој денеска се отвори во Скопје,а на кој централна тема е децентрализацијата. Земја во фокус оваа година е Албанија. Македонскиот центар за меѓународна соработка е организатор на форумот на граѓанското општество, додека поддржувачи се Данска црковна помош и ОСЦЕ. Медиумски покровители се Утрински весник, Канал 5 ТВ и радио Канал 77.



Ова јубилејно издание на НВО саем собра 220 граѓански организации од регионот кои учествуваат во изложбениот дел, додека во наредните три дена посетителите ќе имаат можност да присуствуваат на шеесетина панели и форуми.

-Почитувани, голема  чест е што сум тука со вас, рече на почетокот на својот говор Ербан Фуере, специјален претставник на Европска Унија и шеф на делегацијата на Европска комисија во Македонија, кој првите реченици од својот говор ги изговори на македонски јазик.  Фуере истакна  дека голем број на невладини организации и граѓански асоцијации во Македонија се најдобар доказ за демократичноста на македонското општество.”Развиен цивилен сектор е индикатор за здраво општество, цивилен сектор е партнер на владата во имплементација на европските одредби и на патот на Македонија кон Европа, но граѓанскиот сектор е и сектор кој има успеси во борба за човековите права, во борба за подобри социјални услови во земјата, сектор кој има успеси на полето на подобрување на образованието во Македонија”, потенцираше Фуере.

Ербан Фуере алудирајќи на овогодишниот промотивен постер на НВО саемот на кој доминира зелената боја рече:” Зелената не е само боја на мојата земја Ирска, туку и боја на среќа. Јас и посакувам на Македонија многу среќа и оптимист сум за нејзината иднина”, изјави Фуере.

Децентрализацијата во моментот е еден од најзначајните процеси во Македонија, а во своето излагање Аце Коцевски, градоначалник на Велес, истакна дека со децентрализација државата ќе се одрекне од некои од своите моќи, но граѓаните ќе треба да прифатат дека тие се моќ и одлучувачкиот фактор.

-Секако,додаде Коцевски, ќе треба и распределба на буџетот. Затоа што зголемување на надлежностите на локалните власти, без соодветна финансиска поткрепа ќе биде само оптеретување, а не вистинско спроведување на новите должности.

Гостинот од Албанија, Никола Лигор, претседател на друштвото  Албанско-македонско пријателство  од Тирана истакна дека Македонија и Албанија имаат многу договори и протоколи за меѓусебна соработка, но дека мора сите фактори и во двете држави да се залагаат  за имплементација на договорите, затоа што во спротивно ќе останат само  на хартија.

Сашо Клековски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓусебна соработка потсети дека токму денеска почнува кампањата Нула толеранција за корупцијата, но почнува и приватизација на Електростопанството на Македонија. “ Овие настани се голем предизвик и за невладиниот сектор, да се вклучи активно во овие процеси и  да се покаже на дело”, потенцираше Клековски кој додаде дека не треба да се заборави дека 2005 година е и година во која почна Декада на Ромите 2005-2015, како и дека сме на пола пат да се изгласа прв закон на иницијатива на граѓаните.

-Собрание се 5.000 потписи за донесување на системски закон со кој би им се овозможиле правата на хендикепираните лица, на иницијатива на асоцијацијата Полио плус. Потребни се уште 5.000 пописи на граѓани за да се дојде до целта, објасни Клековски.

На отворањето на петтиот Форум на граѓанското општество присуствуваше и претседателот Бранко Црвенковски кој ја пополни  картичката Кажи О.К. за Македонија, картички кои  се испраќаат до релевантни европски институции за да и се помогне на Македонија сега кога се одлучува за нејзиниот кандидатски статус, а шефот на државата се потпиша и за донесување системски закон со кој ќе бидат регулирани правата на лицата со посебни потреби.